Македонскиот рубин добива систем за сертификација и заштита
Формирана е Комисија за македонскиот рубин, чија цел е воспоставување систем за сертифицирање, следливост и заштита на неговото потекло и квалитет, како и негова меѓународна афирмација.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го продолжува процесот за институционална заштита и афирмација на македонскиот рубин. На работна средба во Министерството денеска беа дефинирани првичните приоритети на новоформираната Комисија за македонскиот рубин.
Предвидено е да се воспостави систем за сертифицирање, како и каталог и регистар на овластени производители и обработувачи. Ќе се евидентираат количините и движењето на рубинот, со цел да се гарантира неговото автентично потекло и следливост.
Комисијата ќе работи и на утврдување стандарди за обработка, презентација и означување на рубинот, спречување злоупотреби и лажно претставување на други минерали како македонски рубин, како и на поврзување на геолошката, рударската и правната заштита.
Во работата на Комисијата се вклучени претставници на Државниот завод за индустриска сопственост, надлежните сектори за геологија и рударство и Геолошкиот завод, под чија стручна надлежност ќе функционира Комисијата.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска истакна дека целта е македонскиот рубин да стане препознатлива национална вредност, со јасни правила и стандарди.
Паралелно со воспоставувањето на домашниот систем за сертификација и следливост, започнат е и процес за меѓународна афирмација на македонскиот рубин.
Македонскиот рубин е познат по специфичната малиново-розева боја, а неговата појава во регионот на Прилеп и Мариово му дава посебна геолошка вредност. Од Министерството посочуваат дека заштитата, сертификацијата и брендирањето отвораат можности за создавање дополнителна економска вредност.
