Пуштена во употреба реновираната зграда на Клиниката за неврофизиологија
Клековски истакна дека со новиот простор за рехабилитација и кабинетот за когнитивен тренинг се скратува патот на пациентите од дијагностика до закрепнување.

Обновен е просторот за неврофизиологија при Универзитетската клиника за неврологија, со површина од над 800 квадратни метри. Просторот е целосно реновиран, а амбулантите, кабинетите и стационарот се опремени со нова медицинска опрема и систем за климатизација.
Министерот за здравство Сашо Клековски, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, денеска ја посетија обновената неврофизиологија.
Клековски истакна дека со новиот простор за рехабилитација и кабинетот за когнитивен тренинг се скратува патот на пациентите од дијагностика до закрепнување.
„За човек со Паркинсонова болест, тоа е разликата помеѓу самостоен живот и зависност од туѓа помош“, посочи министерот.
Клиниката за неврологија се грижи за пациенти со широк спектар невролошки заболувања, меѓу кои мозочен удар, мултипла склероза, развојни невролошки нарушувања кај деца, невродегенеративни болести, деменции, главоболки и болни синдроми.
Од Министерството за здравство информираат дека продолжува поддршката за подобрување на условите за лекување и грижа за пациентите.
