Економија

Премиерот Мицкоски смирува – земјава нема да се соочи со енергетска криза

11.09.2026 17:19

Власта смирува – земјава нема да се соочи со енергетска криза, ситуацијата е под контрола, иако има притисок од светските случувања. Опозицијата, пак, прогнозира тежок економски период и поднесе предлог за повисок минималец...

Нема да има енергетски шокови оваа зима и струјата нема да поскапи, може само да поевтини, уверува премиерот Мицкоски. Тој ги повика граѓаните да се спокојни – ќе имаме стабилен период и покрај глобалните предизвици поради растот на цената на енергенсите на берзите.

Премиерот додаде дека Владата нема намера да воведува забрана за реекспорт на нафтата по примерот на други држави, оти македонскиот пазар е стабилен, со солидни државни резерви, за што опозицискиот лидер Филипче, смета дека состојбата е загрижувачка.

Во однос на цената на гасот, од Владата велат дека Македонија не е голем корисник и се следи состојбата во Европа со проблемите со снабдувањето. Според премиерот, можно е цената на гасот во Европа значително да се зголеми поради ниските резерви.

Стабилни се состојбите на пазарот со енергенси велат од Владата, наспроти обвинувањата од опозицијата дека не бил заштитен на стандардот на граѓаните.

Во меѓувреме, за подобрување на стандардот на граѓаните, од опозицијата поднесуваат закон за минимална плата од 600 евра, оти како што велат, со минималец од 26.000 денари, не може да се има достоинствен живот.

Борис Грујоски