Притворот на првообвинетиот во „Пулс“, Дејан Јованов истекува, Савески вели дека законите мора да се почитуваат
На 3 октомври се навршува една година од одобрувањето на обвинението за пожарот во „Пулс“. Истиот ден, по истекот на законскиот рок, од притвор треба да излезе сопственикот на клубот Дејан Јованов, но од Кривичниот суд велат дека ќе му бидат определени други мерки за обезбедување присуство. Во меѓувреме, најголем дел од обвинетите се бранат од слобода, а дел од нивните мерки се заменети со поблаги.

На 3-ти октомври се навршува година откако беше одобрено обвинението за пожарот во „Пулс“. Истиот ден, по сила на закон, газдата на клубот, Дејан Јованов излегува од притвор. Но, тој нема да остане без мерки за обезбедување на присуство, велат од Кривичниот суд. По истекување на притворот ќе бидат определени. Државниот обвинител Савески потврди дека притворот на Јованов завршува, но што мисли по ова прашање не кажува јавно – за да не биде погрешно сфатен.
Од слобода се бранат најголем дел од обвинетите. Јане Јанчевски понуди гаранција од 33 илјади евра недвижен имот и наскоро ќе излезе од куќен притвор. Кај обвинетите Митко Стојанов, Мартин Ѓорѓиев и Стојанчо Димитриев, куќниот притвор веќе е заменет со поблаги мерки. За Тодор Јованов, куќниот притвор е укинат откако е прифатена гаранција од 319 илјади евра. Обвинетиот Беким Хаџиу пак понуди 850 илјади евра за да се брани од слобода. Од Кривичен информираат дека сите обвинети ги почитуваат мерките и редовно се јавуваат на закажаните рочишта.
Социјалдемократите сметаат дека вината е во власта, која го контролира судството – „заробена правда“ е кога виновниците шетаат слободно, а семејствата на жртвите остануваат без одговори, велат од СДСМ.
Анита Димитријевска-Велковска
