Судство

Укината пресудата за „Ласкарци“

11.09.2026 16:55

Судовите одлучуваат врз основа на закон, а не под притисок од Обвинителството – коментар на Савески откако Врховен ја укина пресудата за „Ласкарци“. Премиерот не се откажува од донкихотовската борба, Филипче бара европско правосудство.

Врховниот суд ја укина пресудата на Апелација за автобуската несреќа кај Ласкарци кога загинаа 16 луѓе, а 30 беа повредени. Осудените излегуваат од затвор, случајот се враќа на повторно одлучување. Адвокатот Сашко Дукоски, кој застапува еден од осудените смета дека е направен чекор кон правдата зашто според него, вината била исклучиво кај возачот на автобусот, како што било наведено и во супервештачењето.

„Очекувам конечно да се исправи неправдата и да се утврди вината на тој што го ја сторил оваа сообраќајна незгода, а за другите да биде применета правдата и да одговара оној којшто навистина сторил нешто, а не сите во пакет како што беше досега“, Сашо Дукоски – адвокат.

Укинувањето на пресудата е сериозен тест и аларм за правниот систем – оценува адвокатот и поранешен судија во кривичниот суд, Владимир Туфегџиќ.

„Дали пониските судови сè почесто се впуштаат во правен егзибиционизам со своите одлуки, ставајќи се во улога на сервис на јавното обвинителство и впуштајќи се во импровизација на доказите за да се донесе осудителна пресуда по секоја цена, дури и во правна ситуација кога јавен обвинител децидно изјавува дека нема докази“, изјави Владимир Туфегџиќ – адвокат.

Републичкиот обвинител Савески смета дека апсолутно погрешен впечатокот дека судовите ги носат одлуките под притисок или во служба на јавното обвинителство, односно дека обвиненијата се проблем за тоа што паѓаат случаите за големите трагедии.

„Сметам дека апсолутно е погрешен впечатокот дека судовите ги носат одлуките под притисок или во служба на јавното обвинителство. Пресудите се носат во името на граѓаните, врз основа на примена на законите и докази што се содржани во тие предмети. Одлуката на повисоките судови е во врска со одлуките на пониските судови така што врховниот суд во случајов не ги ценел обвиненијата, туку одлуките на судовите“, изјави Ненад Савески, републички јавен обвинител.

„Ласкарци“ беше една од најтешките сообраќајни несреќи во земјава.

Несреќа на автопатот Скопје – Тетово кај селото Ласкарци се случи пред повеќе од седум години. Автобусот на „Дурмо Турс“ излета од патот и се преврте. Во несреќата загинаа 16 лица, а 30 беа повредени.

Во првостепената пресуда беа осудени шест лица. Сопственикот на „Дурмо Турс“ и одговорниот за транспорт во компанијата првично добија пет и шест години затвор, а по жалба на обвинителството, апелација им ги зголеми казните на десет години. Вработените во станицата за технички преглед беа осудени на пет години, додека пак, возачот на автобусот доби највисока казна затвор од 14 години.

Андријана Ѓурческа