Почнува обуката на новата класа пилоти

01.10.2014 10:46

Обуката на кадетите трае 18 месеци, се изведува од страна на искусни предавачи и пилоти...

Во Центарот за обука на пилоти во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, почнува обуката на новата генерација слушатели од родот авијација. Во рамки на новата генерација ќе се обучуваат лица за потребите на Министерствата за одбрана и за внатрешни работи.

Обуката на кадетите трае 18 месеци, се изведува од страна на искусни предавачи и пилоти. Истата  се состои од елементарна обука на авионот ЗЛИН-242Л, при што кадетите ќе се здобијат со основните знаења и вештини од воздухопловството и користењето на воздухопловната техника. Понатаму следува и обуката на хеликоптер Белл-206, поделена во две фази, основно летање каде кадетите ќе научат да управуваат со леталото и да извршуваат основни мисии, и напредно летање, каде кадетите се здобиваат со вештини кои овозможуваат користење на хеликоптерот до крајните негови можности.

Во тек на целиот курс летачката обука е пропратена со многу теоретски предмети кои претставуваат основа на која се надградуваат сите практични знаења. Во рамки на обуката се користат и два симулатори за Ми-8/17 и Ми-24 од најновата генерација.