„Ноќна урбана трка“ вечерва низ улиците на Центар
Улиците во Центар вечерва ќе бидат во знакот на спортот. Со почеток во 18 часот ќе се одржи „Ноќна урбана трка“, првиот општински полумаратон во земјава, во организација на Општина Центар и „Прв до врв“.

Општина Центар, во соработка со „Прв до врв“, денеска го организира првото издание на „Ноќна урбана трка“ - прв општински полумаратон во земјава и нов спортско-забавен настан во Скопје.
Трката ќе започне во 18 часот, а учесниците ќе трчаат низ улиците на Центар во вечерна атмосфера. Настанот има цел да ги промовира трчањето и активниот начин на живот, но и да поттикне дружење и поголема вклученост на граѓаните во спортските активности.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги повика граѓаните и љубителите на спортот да бидат дел од првото издание на „Ноќна урбана трка - Скопје 2026“.
„Сакаме Центар да живее и преку спортот и да создава настани што ги обединуваат луѓето. Особено ми е драго што токму нашата општина ќе биде првата општина домаќин и организатор на полумаратон во државата. На 12 септември ги отвораме центарските улици за тркачите, но и за сите граѓани кои сакаат да бидат дел од една поинаква вечер исполнета со спорт, дружење и забава“, изјави Герасимовски.
По завршувањето на трката, програмата ќе продолжи во Паркот на Франкофонијата со традиционалниот музички настан „Нешто што ќе остане“.
Од Општина Центар најавуваат дека спортскиот дел ќе прерасне во вечерна забава наменета за учесниците, посетителите и сите граѓани кои ќе бидат дел од настанот.
