Кривична пријава против 27 лица за незаконско внесување категории во возачките дозволи
Дваесет и седум лица, меѓу кои и вработена во Министерството за внатрешни работи, заработија кривични пријави за незаконско внесување категории во возачки дозволи. На 21 лице им биле издадени возачки дозволи со незаконски внесени категории, а за дозвола со Ц и Д категорија биле барани и до 1.400 евра.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до Јавното обвинителство поднесе кривична пријава против 27 лица, меѓу кои и вработена во Министерството, под сомнение за повеќе кривични дела поврзани со незаконско внесување категории во возачки дозволи, нивно издавање и употреба.
Осомничената, вработена во Одделението за управни работи, се сомничи дека во периодот од 3 септември 2020 до 24 август 2026 година, користејќи ја својата службена шифра и службените овластувања во електронскиот систем, незаконски менувала претходно креирани барања за издавање возачки дозволи од други вработени. Во одредени случаи ги отфрлала веќе оформените барања и креирала нови, во кои внесувала категории за кои подносителите не ги исполнувале законските услови.
Во 2021 година била отстранета од работа поради поднесена кривична пријава за злоупотреби во постапките за издавање лични документи. Лани, врз основа на судска пресуда, повторно била вратена на работното место.
„Со ваквото незаконско постапување биле издадени возачки дозволи на 21 лице со незаконски внесени категории, додека во еден случај дејствието останало во обид. Во три случаи претходно креираните барања биле отфрлени, по што биле оформени нови барања во кои повторно биле внесени категории за кои не биле исполнети законските услови. Во текот на истрагата е утврдено дека четири лица постапувале како посредници, при што во договор и содејство со вработената во МВР посредувале за незаконско издавање возачки дозволи“, соопштија од МВР.
За вработената во МВР постојат сомневања за 22 кривични дела. Другите осомничени, во договор и содејство со вработената, учествувале во постапките за незаконско издавање на возачките дозволи, при што се сомничат за сторено кривично дело „фалсификување исправа“ во соизвршителство.
Шест лица ги употребиле така издадените возачки дозволи при преминување на државната граница. Две од нив ги употребиле и во постапки за добивање сертификати за професионална компетентност во меѓународен превоз на патници и стоки, при што се стекнале со сертификати издадени од Министерството за транспорт.
„За констатираните неправилности, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди го извести Министерството за транспорт - Секторот за патен сообраќај и инфраструктура, со барање за вонреден надзор над правните лица кои вршат обука или посредуваат при издавање сертификати за професионална компетентност, како и за преиспитување на законитоста на веќе издадените сертификати и преземање соодветни мерки согласно со закон“, велат од МВР.
Против вработената во МВР ќе биде поднесен и предлог за утврдување дисциплинска одговорност, а ќе ѝ биде изречена и суспензија од работното место до завршувањето на дисциплинската постапка, информираа од МВР.
Игор Панов
