Ескалација на Блискиот Исток - затворен стратешкиот саудиски нафтовод Исток-Запа
По нападите со дронови од ирачка територија, Саудиска Арабија превентивно го затвори нафтоводот Исток - Запад, клучна алтернатива на Ормускиот Теснец за нејзиниот извоз на нафта. Багдад отвори истрага.

Саудиска Арабија привремено го затвори стратешкиот нафтовод Исток–Запад откако напади предизвикаа пожари по интензивирањето на борбите со јеменските Хути. Заканата доаѓа додека протокот на нафта преку Ормускиот теснец продолжува да биде ограничен. Жителите на јеменскиот главен град Сана, кој е под контрола на Хутите, изразија поддршка за напредувањето на борците поддржани од Иран долж западниот брег додека конфликтот се интензивира.
„Саудиска Арабија треба да извлече поука од она што се случи и од судбината на десетиците илјади нивни платеници – сите тие се убиени или заробени. Ќе дојде редот и на сите оние што биле заведени и на оние што сè уште се на страната на агресијата, за и тие да ја научат лекцијата“, вели Фуад Ал-Канис, член на надзорната канцеларија на „Ансар Алах“.
„Овие големи победи не беа мали достигнувања. Станува збор за фронт што опфаќа површина од 2.600 квадратни километри, која беше исчистена и ослободена од платениците. Тие се подготвуваа за овој фронт цели четири години“, вели жител на Сана.
„И покрај поддршката од семејството Сауд (Саудиска Арабија) преку воздухопловните сили, и покрај силите на коалицијата и поддршката од САД и Западот - тие доживеаја неуспех. И честитам на оската на отпорот и џихадот за големите победи во Јемен, Иран, Либан и Газа“, изјави друг жител на Сана.
Нафтоводот Исток-Запад се покажа како критична спасувачка линија за извозот на нафта на Саудиска Арабија во услови на нарушување предизвикано од војната со Иран. Неколку беспилотни летала лансирани од Ирак го нападнаа нафтоводот во регионите Ријад и Медина, соопшти саудиското Министерство за надворешни работи. Владата во Багдад нареди истрага. На маргините на самитот на БРИКС, иранскиот претседател зборуваше за слободата на пловидба и трговијата, како и за стабилноста во регионот.
„Иран се соочи со опсежни санкции во текот на изминатите години. Економската безбедност не може да се одвои од националната и регионалната безбедност. Секогаш кога трговскиот, енергетскиот, инфраструктурниот или финансискиот систем на една земја ќе се најде под политички или воен притисок, последиците се шират надвор од границите на таа земја и можат да влијаат врз регионалната, па дури и врз глобалната стабилност“, изјави Масуд Пезешкијан, претседател на Иран.
И покрај апелите за крај на војната, борбите низ Блискиот Исток се интензивираа во последните неколку дена откако Иран и САД разменија оган во Ормускиот теснец, а на удар беа танкери со нафта и воена инфратсруктура.
Маријана Димовска
