Сè повеќе Бугари на пазарот во Ново Село, кој ќе добие покривна конструкција
Жители од соседна Бугарија секоја недела доаѓаат на зелениот пазар во Ново Село. Купуваат овошје и зеленчук бидејќи, како што велат, производите се поквалитетни и поевтини. Пазарот наскоро ќе добие покривна конструкција, со што продавачите и купувачите ќе бидат заштитени од временските неприлики. Ване Трајков беше во Ново Село.

Зелениот пазар во Ново Село, кој стана редовна дестинација за пазарување и на жители од соседна Бугарија, ќе добие покривна конструкција. Општината веќе ги започна активностите за реализација на проектот, вреден околу 11,5 милиони денари.
Пазарџиите ја поздравија одлуката на локалните власти да се покрие пазарот во Ново Село, со што и продавачите и купувачите ќе бидат заштитени од временските неприлики.
На пазарот во Ново Село доаѓаат сè повеќе купувачи од Бугарија. Велат дека доаѓаат бидејќи производите овде се поевтини и поквалитетни.
„Јас првпат доаѓам. Мајка ми ми предложи да дојдеме. Производите се многу убави, природни, чисти и многу вкусни“, вели посетителка од Бугарија.
„Доаѓаме еднаш годишно. Купуваме пиперки и друг зеленчук затоа што производите се поубави, поквалитетни и поевтини“, изјави друга посетителка од Бугарија.
Во Општина Ново Село живеат околу седум илјади жители, а зелениот пазар го посетуваат и жители од околните општини, како и сè поголем број купувачи од соседна Бугарија.
Ване Трајков
