Нови когенеративни капацитети на „Теса Енерџи“ во Скопје
Пуштени во употреба новите когенеративни капацитети на „Теса Енерџи“, инвестиција вредна 2,5 милиони евра. Ќе обезбедуваат електрична и топлинска енергија, а се најавува и нова инвестиција од 10 милиони евра.

Пуштени во употреба новите когенеративни капацитети на „Теса Енерџи“ во Скопје, компанија која во 2024 година ја презеде поранешната топлана „Скопје Север“. Станува збор за инвестиција од 2,5 милиони евра, а двата генератори ќе произведуваат 2,1 мегават електрична и 2,6 мегавати топлинска енергија.
Од менаџментот на компанијата велат дека ова е прва фаза, а наскоро се планира нова инвестиција од 10 милиони евра. Целта е да се создаде современ енергетски центар.
На свеченото отворање присуствуваа премиерот и владините економски министри. Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, рече дека новите капацитети ќе донесат поевтино парно и намалување на загадувањето.
Секој нов енергетски капацитет има значење многу пошироко од самата инвестиција, бидејќи придонесува за создавање постабилен и помодерен енергетски систем, порача министерката за енергетика, Сања Божиновска.
Овие инвестиции ќе обезбедуваат топлинска енергија за домаќинствата во Чаир и Бутел, а од Владата уверуваат дека растот на домашните производствени капацитети придонесува за поголема енергетска сигурност и постабилен енергетски систем.
Борис Грујоски
