Кривична пријава против 27 лица за незаконско внесување категории во возачките дозволи
Обвинителството поведе постапка против 27 лица за злоупотреби при издавање возачки дозволи со незаконски внесени категории. За три лица е побаран притвор, а седуммина се недостапни за органите на прогонот.

Јавното обвинителство поведе постапка против 27 лица осомничени како соизвршители на кривичното дело „фалсификување исправа“, поврзано со злоупотреби при издавање возачки дозволи.
За вработена во МВР, како и за две лица кои повеќепати ги употребувале незаконски издадените возачки дозволи за работа во меѓународниот транспорт, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка предложил определување мерка притвор. За 17 лица се предложени мерки на претпазливост, додека седуммина сè уште се недостапни за органите на прогонот, информираа од Обвинителството.
„Јавното обвинителство продолжува да го истражува случајот и евентуалната вмешаност на други лица - вработени во МВР, посредници, како и можни корисници на фалсификуваните документи“, велат од Јавното обвинителство.
Министерството за внатрешни работи претходно до Обвинителството поднесе кривична пријава против 27 лица, меѓу кои и вработена во Министерството. Според МВР, утврдени се злоупотреби во постапките за издавање возачки дозволи преку незаконско менување на податоците во електронскиот систем и издавање јавни исправи со невистинита содржина.
Вработената во МВР се сомничи дека злоупотребите ги вршела речиси шест години, од 2020 до август годинава, при што незаконски менувала податоци во електронскиот систем и овозможувала издавање возачки дозволи со категории за кои не биле исполнети законските услови.
„Со ваквото незаконско постапување биле издадени возачки дозволи на 21 лице со незаконски внесени категории, додека во еден случај дејствието останало во обид. Во три случаи претходно креираните барања биле отфрлени, по што биле оформени нови барања во кои повторно биле внесени категории за кои не биле исполнети законските услови“, соопштија од МВР.
Шест лица ги употребиле вака издадените возачки дозволи при преминување на државната граница. Две од нив ги употребиле и во постапки за добивање сертификати за професионална компетентност во меѓународниот превоз на патници и стоки, издадени од Министерството за транспорт.
Против вработената во МВР ќе биде поднесен и предлог за утврдување дисциплинска одговорност, а ќе ѝ биде изречена и суспензија од работното место до завршувањето на дисциплинската постапка, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Игор Панов
