Мицкоски најави засилена борба против корупцијата
Ќе направиме сè за да ги искорениме случаите на корупција, порача премиерот Христијан Мицкоски, кој најави и посебна телефонска линија на која граѓаните ќе можат да пријавуваат случаи на барање мито.

Сметките од работењето на претходните влади на Зоран Заев и Димитар Ковачевски и начинот на кој тие се справуваа со кризата, денес ги плаќаат граѓаните. Не дај Боже некогаш повторно на Македонија да ѝ се случат такви влади, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Наместо соочување со одговорноста, според него, социјалдемократите продолжуваат да ги бранат и да ги промовираат тие политики.
Откако беше обелоденет случајот со сомневањата за примање мито од помошник-директор во Царината и возач на функционер во Владата, премиерот побара Јавното обвинителство да си ја заврши работата, притоа најавувајќи дека се следат и други случаи.
Ќе направиме сè за да ги искорениме случаите на корупција, категоричен е шефот на Владата, притоа оценувајќи дека нема недоверба во институциите. Ги охрабри граѓаните да го пријават секој обид за корупција, а најави и отворање посебна телефонска линија со „Транспаренси интернешнл“, на која граѓаните ќе можат да пријавуваат случаи на барање мито.
Миле А. Ристески
