Црн биланс на патиштата
Три лица загинаа, а шестмина се повредени во две тешки сообраќајни несреќи кај Миладиновци и на патот Стража - Гостивар. Причините за трагичните несреќи се утврдуваат.

Три жртви и шестмина повредени е црниот биланс од двете тешки сообраќајни несреќи што се случија во текот на ноќта на македонските патишта.
Два часа по полноќ, на патот Илинден - Миладиновци, животот го загубија татко и неговиот 18-годишен син, а тешко е повредена и 18-годишната ќерка, откако „опел корса“, управувана од 19-годишен кумановец, директно се судрила со нивното возило.
Во животозагрозувачка состојба се возачот на „корсата“ и неговиот сопатник. Наредена е обдукција на починатите, а се утврдуваат причините и околностите што довеле до несреќата.
„Во несреќата на самото место починале возачот на возилото „хјундаи“ и неговиот 18-годишен син, додека потешко е повредена и 18-годишната ќерка. Со тешки телесни повреди се здобиле и возачот на „корсата“ и неговиот сопатник на иста возраст, кои биле пренесени во болница во животозагрозувачка состојба“, информираа од Основното јавно обвинителство – Скопје.
Тешка сообраќајна несреќа и на патот Стража - Гостивар, во која животот го загуби 21-годишниот фудбалер на тетовски Тетекс, Даниел Николовски. Повредени се сопатникот на починатиот и двајцата патници од другото возило.
„Во несреќата, лекар од Итната медицинска помош на самото место констатирал смрт кај возачот Д.Н., додека останатите три лица биле пренесени во Медицинскиот центар во Гостивар, каде што им биле констатирани телесни повреди“, информираа од МВР.
Двете несреќи повторно го отвораат прашањето за безбедноста на македонските патишта. Причините и околностите што довеле до трагичните исходи допрва треба да ги утврди истрагата.
Андријана Ѓурческа
