Блиски Исток

Трамп: Иран не смее да има нуклеарно оружје

12.09.2026 16:30

Тензиите на Блискиот Исток се засилуваат. Трамп го обвини Иран за нападот врз саудискиот нафтовод Исток - Запад, додека борбите со Хутите и нарушувањата во Ормускиот Теснец дополнително ја зголемуваат неизвесноста во регионот.

Иран не смее да има нукеларно оружје, а доколку го имаше ќе го разнесеа Израел, Блискиот Исток и ќе погодеа некои европски градови па и подалеку - а веројатно ќе ги погодеа и САД, став на американскиот претседател Доналд Трамп. За време на средбата со ирскиот премиер Мајкл Мартин во Даблин, шефот на Блета Куќа истакна дека Иран е одговорен за нападот врз нафтоводот „Исток-Запад“.

„Имавме разговори. Хутите не контактираа и не сакаат да војуваат со нас. Не сакаат јас да тргнам по нив и не сакаат да се мешаме. Повеќе би сакале да не сме вклучени. И дозволуваат повеќето бродови да минуваат. Има само една земја со која не се баш задоволни, но тоа ќе го средиме. Сепак, морам да кажам дека завршивме одлична работа. Како што знаете, ние имаме навистина силна контрола врз Ормускиот теснец. Спроведовме поморска блокада која беше навистина неверојатна“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.

Саудиска Арабија привремено го затвори стратешкиот нафтовод Исток–Запад откако напади предизвикаа пожари по интензивирањето на борбите со јеменските Хути. Неколку беспилотни летала лансирани од Ирак го нападнаа нафтоводот во регионите Ријад и Медина, соопшти саудиското Министерство за надворешни работи. Владата во Багдад нареди истрага.  Жителите на јеменскиот главен град Сана, кој е под контрола на Хутите, изразија поддршка за напредувањето на борците поддржани од Иран долж западниот.

„Овие големи победи не беа мали достигнувања. Станува збор за фронт што опфаќа површина од 2.600 квадратни километри, која беше исчистена и ослободена од платениците. Тие се подготвуваа за овој фронт цели четири години“, изјави жител на Сана.

„И покрај поддршката од семејството Сауд (Саудиска Арабија) преку воздухопловните сили, и покрај силите на коалицијата и поддршката од САД и Западот - тие доживеаја неуспех. И честитам на оската на отпорот и џихадот за големите победи во Јемен, Иран, Либан и Газа“, изјави жител на Сана.

Нафтоводот Исток-Запад се покажа како критична спасувачка линија за извозот на нафта на Саудиска Арабија во услови на нарушување предизвикано од војната со Иран. На маргините на самитот на БРИКС, иранскиот претседател зборуваше за слободата на пловидба и трговијата, како и за стабилноста во регионот.

„Иран се соочи со опсежни санкции во текот на изминатите години. Економската безбедност не може да се одвои од националната и регионалната безбедност. Секогаш кога трговскиот, енергетскиот, инфраструктурниот или финансискиот систем на една земја ќе се најде под политички или воен притисок, последиците се шират надвор од границите на таа земја и можат да влијаат врз регионалната, па дури и врз глобалната стабилност“, рече иранскиот претседател Масуд Пезешкијан.

И покрај апелите за крај на војната, борбите низ Блискиот Исток се интензивираа во последните неколку дена откако Иран и САД разменија оган во Ормускиот теснец, а на удар беа танкери со нафта и воена инфратсруктура. 

Маријана Димовска