За првпат во Охрид организирана „Ноќ на музеите“

13.09.2026 11:48

Охрид синоќа беше сцена на една поинаква културна прошетка. Манифестацијата „Ноќ на музеите“ ги отвори вратите на музеите, старите куќи и охридските занаети, а бројните посетители низ 12 настани имаа можност да ја запознаат историјата и традицијата на градот.

Охрид синоќа живееше во знакот на културата, историјата и традицијата. Голем број посетители ја искористија „Ноќта на музеите“ за поинаква прошетка низ стариот дел на градот, со 12 локации и исто толку различни приказни.

Од Долна порта, посетителите, во групи предводени од туристички водичи, тргнуваа по улицата „Цар Самоил“ - од музеите и старите куќи до ателјеата и охридските занаети.

„Првпат вака нешто организираме во овој обем. Овој концепт се прави насекаде во Европа, а мислам дека е редно и Охрид, како град со целото културно и природно наследство, да биде вклучен во нешто вакво. Годинава е пилот-проект“, вели организаторот Јован Цветкоски од Културолошка иницијатива „5 до 12“.

Филигранот, охридскиот бисер, изложби, фотографии, стара хартија и резба, но и вино и староградска музика, беа дел од четиричасовната културна маршрута. Во куќата на Узунов - перформанс со комитски носии, а во Лапидариумот – претставени ракотворби и занаети.

„Значајни се ваквите настани, особено вон сезона. Еве, септември е, сè уште е полн градот и ние сме пресреќни ако Охрид живее и во овој период. Завод и музеј – Охрид ги поддржува ваквите настани“, изјави Горан Патчев, директор на Завод и музеј - Охрид.

„Во куќата на Христо Узунов ги пречекуваме и странските и домашните туристи, за да им ја презентираме историјата на Охрид, животот и делото на револуционерот Христо Узунов и традициите“, рече Михаил Патчев, професор по историја.

„Ноќта на музеите“ предизвика огромен интерес и кај домашните и кај странските гости.

Целта е настанот да прерасне во традиција, со уште поголема промоција на културното наследство на Охрид и понуда за посетителите надвор од главната туристичка сезона.

Соња Рилковска