Арапските земји бараат безбедна пловна рута низ Ормускиот теснец
Во услови на растечки тензии на Блискиот Исток, министрите за надворешни работи на арапските земји утре во Мускат ќе разговараат за воспоставување безбедна пловна рута меѓу Иран и Оман низ Ормускиот теснец, додека нападите и блокадите дополнително го отежнуваат сообраќајот и извозот на нафта во регионот...

Утре во Мускат, Министрите за надворешни работи на арапските земји ќе разговараат за воспоставување безбедна пловна рута меѓу Иран и Оман низ Ормускиот теснец. На состанокот треба да биде потпишан договор за заедничка пловна рута, а за неговите резултатите ќе биде информирана меѓународната поморска организација. Одлуката доаѓа во момент кога Саудиска Арабија привремено го затвори стратешкиот нафтовод Исток-Запад откако напади предизвикаа пожари по интензивирањето на борбите со јеменските Хути, a aмериканскиот претседател Трамп го обвини Иран за нападот.
„Во понеделник, министрите за надворешни работи на арапските земји ќе одржат состанок во Оман за да постигнат некаков договор околу теснецот, а меѓународната организација за поморски прашања ќе го објави неговиот статус. Така, во рамките на меѓународно утврдените принципи, пловниот пат би се отворил под услов САД да ја прекинат блокадата и своите кукавички активности“, изјави претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан.
Иранскиот претседател изјави дека Техеран нема „никакви проблеми“ со Обединетите Арапски Емирати или со која било друга земја, но дека се противи на присуството на американски воени бази во регионот. Изјавите следуваат во момент кога тензиите во регионот продолжуваат да растат. Ирак затвори два клучни гранични премина со Иран, запирајќи го целиот патнички и комерцијален сообраќај. Затворањето следува откако премиерот Али Фалих ал-Заиди нареди разрешување на командантот на Оперативната команда во Мајсан и формирање истражна комисија, откако беше утврдено дека нападите насочени кон Саудиска Арабија биле извршени од локација во таа провинција.
„Тука сме веќе една недела и сега сакаме да се вратиме. Рекоа дека имало напад, така слушнавме, но не знаеме точно. Дојдовме до границата и сакаме да преминеме, но не можеме. Со нас има жени, мажи, постари лица и деца. Сите сакаат да преминат на другата страна, но не можат. Нашите луѓе чекаат од другата страна, а и таа е затворена. Тие се заглавени таму, а ние сме овде. Не знаеме што да правиме“, вели граѓанка.
Нафтоводната линија „Исток-Запад“ е од витално значење за континуираниот извоз на нафта од Саудиска Арабија во месеците откако конфликтот поврзан со Иран го попречи поморскиот сообраќај во Ормускиот теснец. Според Меѓународната агенција за енергетика, извозот на саудиска нафта преку пристаништето на Црвено Море, каде што завршува нафтоводот, е повеќе од двојно зголемен од почетокот на конфликтот со Иран.
Маријана Димовска
