Луѓе плаќаат 200 илјади долари за замрзнување по смртта, со надеж дека повторно ќе оживеат

13.09.2026 14:17

Компанијата „Саутерн Крајоникс“, која работи во австралискиот град Холбрук, е првиот и единствен објект за крионичко замрзнување на јужната хемисфера. Компанијата нуди можност телата на починатите да се чуваат на температура од минус 196 Целзиусови степени, во големи челични резервоари исполнети со течен азот, со надеж дека во иднина ќе можат повторно да бидат оживеани.

Луѓето кои плаќаат повеќе од 200 илјади долари за да бидат замрзнати по смртта се чуваат во големи челични резервоари со течен азот на температура од минус 196 степени, со надеж дека развојот на науката еден ден ќе овозможи нивно враќање во живот.

Во објектот, кој почна со работа во 2023 година, досега се сместени седум „пациенти“, кои се чуваат потопени во течен азот, поставени со главата надолу.

Претседателот на компанијата „Саутерн Крајоникс“, Питер Цолакидес, вели дека на луѓето им нудат шанса за продолжување на животот.

Според неговите процени, постои околу 10 проценти веројатност овие пациенти да можат повторно да бидат оживеани во следните 250 години.

Холбрук се наоѓа меѓу Мелбурн и Сиднеј, а локацијата е избрана поради нискиот ризик од природни катастрофи, како земјотреси и поплави.

По смртта, за да се спречи распаѓањето на клетките, телото што е можно побрзо се подложува на осумчасовен процес наречен „витрификација“.

Во телото се внесуваат хемикалии слични на антифриз, кои го спречуваат создавањето кристали од мраз и го доведуваат телото во состојба слична на стакло, со цел да се намалат оштетувањата предизвикани од екстремно ниските температури.

Откако ќе биде стабилизирано, телото се транспортира во Холбрук и се сместува во резервоарите со течен азот.

Почетната фаза на стабилизација чини околу 60 илјади долари.

Клиентите дополнително плаќаат 150 илјади долари за долгорочно чување, како и годишна членарина од 350 долари.

Компанијата препорачува клиентите да склучат полиса за животно осигурување во вредност од 210 илјади долари, со која би се покриле овие трошоци.

Експертот за криопрезервација од Универзитетот РМИТ во Мелбурн, вонредната професорка Сафрон Брајант, посочува дека современата наука не располага со технологија што овозможува успешно зачувување на целото човечко тело на овој начин.

Брајант објаснува дека клетките и ембрионите можат да се замрзнат, но дека не е можно заштитната течност рамномерно да стигне до сите делови на човечкото тело. Според неа, процесот на замрзнување предизвикува неповратни физички оштетувања.

Д-р Кејт Фалконер од Универзитетскиот колеџ Корк во Ирска, која се занимава со правните аспекти на смртта, вели дека крионичката заедница ја сочинуваат луѓе со силна верба во оваа идеја, но дека засега не постои конкретна научна основа што потврдува дека замрзнат човек некогаш би можел повторно да биде оживеан.