Владата донесе одлука: Се намалува ДДВ-то за горивата од 18 проценти на 10 проценти
Цената на нафтата на светските берзи надмина 100 долари за барел, зголемувајќи го притисокот врз цените на горивата, погодена ќе е и Македонија.

Владата го намалува ДДВ-то на горивата од 18 на 10 проценти. На вонредна владина седница се носи мерка за ублажување на растот на цените на горивата. Како што најави премиерот Христијан Мицкоски, овој чекор доаѓа пред новата корекција на цените на горивата. Мицкоски вели дека со новата мерка Владата очекува намалување на цената на дизелот.
Намалувањето на данокот, додаде премиерот, ќе има директни последици врз приходите во државната каса, но вели дека приоритет на Владата е заштитата на животниот стандард.
„Тоа ќе има импликации врз Буџетот, но наш интерес е да го штитиме стандардот на граѓаните. Не е лесно, ќе се бориме. Имаме неколку војни, најголема енергетска криза“, изјави премиерот.
И покрај високите цени, горивата во Македонија ќе останат поевтини во споредба со земјите од соседството.
Најавеното намалување на данокот на додадена вредност за горивата од 18 на 10 отсто е задоцнета и половична мерка, реагира СДСМ.
„Владата не презеде ништо. Ги остави цените да растат, а граѓаните да полнат гориво на рати и да купуваат сè помалку. Сега, кога штетата е направена, излегува со половична мерка и бара аплауз. Намалувањето на ДДВ од 18 на 10 отсто не претставува навремена заштита на животниот стандард, туку потврда дека Владата доцни со мерките“, наведуваат од СДСМ.
За само еден месец цената на „брент“ е зголемена за околу 25%, во услови на нова ескалација на конфликтот на Блискиот Исток и сериозни нарушувања на транспортот на енергенси преку Ормускиот Теснец.
Борис Грујоски
