„Безбеден град“ и во Велес

13.09.2026 17:12

Системот „Безбеден град“ профункционира и на подрачјето на СВР Велес, а за ден и половина се издадени 151 сообраќајна казна.

Системот за сообраќаен надзор „Безбеден град“ почна да функционира и на подрачјето на СВР Велес. Со неговото активирање се очекува да се овозможи постојан и засилен надзор на сообраќајот, побрзо откривање на прекршоците и зголемување на дисциплината кај возачите. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изврши увид во новиот команден центар и официјално го означи пуштањето во употреба на системот во овој регион. Камерите го покриваат целото подрачје на СВР Велес, што значи дека, покрај градот Велес, сообраќајниот надзор ги опфаќа и сообраќајниците во Кавадарци, Неготино и Демир Капија.

Според изјавата на министерот Тошковски, само за ден и половина од стартот на системот веќе се регистрирани и издадени 151 сообраќајна казна во овој регион, од кои најголемиот дел се за пречекорување на брзината, а неколку за минување на црвено светло. Целта на „Безбеден град“ е спречување на сообраќајни незгоди и спасување човечки животи, а не едноставно полнење на буџетот. Во првите осум месеци годинава во сообраќајни незгоди настрадале 61 лице, во споредба со истиот период лани, кога имало 96 загинати.

Крајната цел на Министерството за внатрешни работи е овој систем до крајот на годината целосно да профункционира на територијата на целата држава. „Безбеден град“, освен во Скопје, се применува и на коридорите 8 и 10, Тетово и Куманово, а до крајот на месецов ќе профункционира и во Охрид. Министерот најави за шест до девет месеци да се опремат со камери сите полицајци, со цел во реално време да се следи нивната работа.

Игор Панов