Пет собраниски комисии денеска на седници
Пет собраниски комисии денеска ќе заседаваат, при што ќе разгледуваат повеќе предлог-закони по скратена постапка. На дневен ред се измени во законите за рестриктивни мерки, застапување пред Европскиот суд за човекови права, санитарна и здравствена инспекција, комунални дејности, градење и превоз во патниот сообраќај.

Во Собранието денеска ќе заседаваат пет комисии – Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија, Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Комисијата за здравство, Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање и Законодавно-правната комисија.
На дневен ред се повеќе предлог-закони по скратена постапка, меѓу кои измени во законите за рестриктивни мерки, застапување пред Европскиот суд за човекови права, санитарна и здравствена инспекција, комунални дејности, градење и превоз во патниот сообраќај.
Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија ќе го разгледува Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки. Со измените се предвидува прецизирање на одредби утврдени како недостатоци во Извештајот од петтиот круг на евалуација на системот за спречување перење пари и финансирање тероризам на MONEYVAL при Советот на Европа, усвоен во мај 2023 година. Предлог-законот предвидува и усогласување со препораките на ФАТФ.
Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците ќе расправа за измените на Законот за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права. Целта е усогласување на постапката и условите за именување, како и престанокот и разрешувањето на владин агент, со Законот за високи раководители.
На Комисијата за здравство ќе се разгледуваат измените на Законот за санитарната и здравствената инспекција. Со нив, во согласност со Законот за високи раководители, мандатот на директорот се утврдува на пет години, додека условите и постапката за именување, престанокот на мандатот и разрешувањето ќе се уредуваат со тој закон.
Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање ќе расправа за измените на законите за комуналните дејности, градење и превоз во патниот сообраќај. Со предложените измени се врши усогласување со Законот за високи раководители.
Законодавно-правната комисија ќе ги разгледува истите предлог-закони, сите по скратена постапка.
