Русија не ја исклучува можноста за трилатерални преговори за Украина во октомври
Москва не ја исклучува можноста идниот месец да продолжат трилатералните преговори со Украина и САД, а како приоритетна локација за нивно одржување ги посочува Обединетите Арапски Емирати.

Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков изјави дека октомври е можен термин за одржување на нова рунда трилатерални преговори за Украина.
„Не ја исклучуваме таквата можност“, рече Песков, одговарајќи на прашањето дали разговорите би можеле да се одржат идниот месец.
Помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков, пак, оцени дека Москва не ги заострила своите барања за решавање на конфликтот. Според него, руските барања остануваат непроменети, а договорите постигнати во Енкориџ претставуваат основа за продолжување на мировниот процес.
Од Кремљ претходно соопштија дека по посетата на американските преговарачи Стивен Виткоф и Џаред Кушнер очекуваат продолжување на трилатералните разговори со Киев и Вашингтон во догледна иднина.
Како приоритетно место за следната рунда преговори Москва ги посочува Обединетите Арапски Емирати.
