Култура

„Македонски оскаровци“ во Сплит: Заокружена првата дестинација на Фестивалот на македонскиот филм

14.09.2026 13:08

Со проекцијата на „Дае“ на Столе Попов и „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, во Сплит заврши првата фестивалска дестинација на патувачкиот Фестивал на македонскиот филм во Хрватска.

Во рамките на второто издание на фестивалот, во организација на македонскиот КИЦ во Загреб и Кинотеката на Македонија, во Сплит се одржа и трибина посветена на заштитата на филмското наследство и меѓународната промоција на македонската кинематографија.

На трибината „Дијалог на кадри“ беше истакната улогата на Кинотеката како институција задолжена за прибирање, заштита, чување и презентација на филмското наследство. Беа отворени и прашањата поврзани со дигитализацијата, реставрацијата и предизвиците во зачувувањето на филмската култура.

Фестивалскиот ден заврши со програмата „Македонски оскаровци“, организирана по повод 35 години независност на Македонија. Пред публиката беа прикажани „Дае“ (Мајка) на Столе Попов и „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов.

Фестивалот во Сплит се реализираше во соработка со Македонското културно друштво „Македонија“ и Центарот за култура „Златна врата“.

Патувачкиот Фестивал на македонскиот филм продолжува во септември и октомври во уште 10 градови низ Хрватска, во партнерство со Мрежата на независни киноприкажувачи во Хрватска.