ШВЕДСКА

Тесна трка во Шведска по изборите

14.09.2026 12:03

Четири опозициски партии предводени од лидерката на социјалдемократите Магдалена Андерсон освоија предност од три места во парламентот со 349 членови пред десничарскиот блок на премиерот Улф Кристерсон, кој ги вклучува антиимиграциските Шведски демократи...

Тесна трка во Шведска. Опозицијата од левиот центар има мала предност пред владејачката коалиција, откако беа преброени повеќе од 90 проценти од гласовите. Четири опозициски партии предводени од лидерката на социјалдемократите Магдалена Андерсон освоија предност од три места во парламентот со 349 членови пред десничарскиот блок на премиерот Улф Кристерсон, кој ги вклучува антиимиграциските Шведски демократи.

„Сега мораме да ги чекаме конечните изборни резултати. Секој даден глас мора да биде преброен. Но, мојата порака е јасна: ние, Социјалдемократите, секогаш ќе бидеме подготвени да ја преземеме одговорноста за исходот“, изјави Магдалена Андерсон, лидерка на Социјалдемократите во Шведска.

„За мене резултатот не е толку изненадувачки, бев прилично уверен дека разликата ќе биде многу помала отколку што сугерираа разните анкети, така што не сум многу изненаден“, изјави Улф Кристерсон премиер на Шведска.

Едно од најголемите изненадувања на изборите беше падот на поддршката за Шведските демократи, кои ја загубија поддршката за првпат откако влегоа во парламентот во 2010 година. Конечниот резултат би можел да биде познат дури за неколку дена, бидејќи локалните изборни власти во среда ќе почнат да ги пребројуваат гласовите што не пристигнале на гласачките места на денот на изборите.