Култура

Македонската филхармонија со концерт на „Денови на македонската музика“

14.09.2026 14:30

На концертот ќе бидат изведени „Циклус песни“ од Стојан Стојков, „Темпера 3“ од Тома Прошев, увертирата „Храдебни“ од Горан Начевски и Концертот за симфониски оркестар „Ремикс“ од Гоце Гавриловски.

Оркестарот на Македонската филхармонија в четврток од 20 часот ќе настапи на фестивалот „Денови на македонската музика“, со програма посветена на делата на македонски композитори.

На концертот ќе бидат изведени „Циклус песни“ од Стојан Стојков, „Темпера 3“ од Тома Прошев, увертирата „Храдебни“ од Горан Начевски и Концертот за симфониски оркестар „Ремикс“ од Гоце Гавриловски.

Со оркестарот ќе диригира Иван Еминовиќ, а како солистка ќе настапи мецосопранистката Сара Јанева.

Јанева, која се развива на меѓународната оперска и концертна сцена, по дипломирањето на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 2022 година продолжува со професионално усовршување во странство. Во 2024 година станува членка на Швајцарското оперско студио, каде што ги остварува и првите професионални солистички улоги во Театарот Бил-Солотурн. Во изминатиот период настапува и на повеќе концерти во земјава и странство, со посебен фокус на македонското музичко творештво.

Диригентот Иван Еминовиќ е роден во Скопје, а своето музичко образование го стекнува на ФМУ во Скопје, каде што дипломира и магистрира оркестарско диригирање. Во неговото портфолио се бројни оперски и балетски продукции, концерти во земјава и странство, како и настап со Сараевската филхармонија на отворањето на „Башчаршиски ноќи“ во Сараево во 2018 година.