Гаши: Убеден сум дека нема да има предвремени избори
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, не очекува предвремени парламентарни избори. На брифингот со новинарите тој информираше и за неизвесноста околу седницата за пратенички прашања на 24 септември, Изборниот законик и можноста за формирање анкетна комисија за трагедијата во Кочани.

„Убеден сум дека нема да има предвремени парламентарни избори-изјави на брифингот со новинарите собранискиот спикер Гаши. На редовната средба на претседателот на Собранието со координаторите на пратеничките групи било договорено да се алармира до Владата за присутност на министрите на седниците за пратенички прашања. Неизвесно е дали ќе има на 24 месецов седница, поради отсуството на премиерот. Можно е и да се одложи, рече Гаши.
Покренато било и прашањето за изборниот законик, за што Гаши апелираше до пратениците да седнат и да се договорат конечно да го изгласаат. На новинарско прашање за анкетна комисија за трагедијата во Кочани, спикерот Гаши рече дека на следната координација ќе разговараат по ова прашање и дека се постапува по деловникот.
