Култура

„Шехерезада“ на 19 септември на сцената на Националната опера и балет

14.09.2026 13:24

Балетскиот бисер „Шехерезада“ од Николај Римски-Корсаков на 19 септември ќе биде изведен на сцената на Националната опера и балет. Под диригентската палка на Бисера Чадловска, публиката ќе може да ужива во спојот на ориенталната магија, драматичната музика и раскошната балетска уметност.

На 19 септември со почеток во 20 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе биде изведен балетот „Шехерезада“ од Николај Римски-Корсаков, инспириран од легендарните приказни од збирката „Илјада и една ноќ“.

Делото ќе биде изведено под диригентската палка на Бисера Чадловска, со кореографија на балет-мајсторот од Москва, Михаил Крапивин, според првичната постановка на Михаил Фокин. Сценографијата е на Марија Ветероска, костимите на Маја Бурсаќ од Србија, а концерт-мајстор е Верица Ламбевска.

Во балетската претстава настапуваат Наташа Трендафилова Гицев, Балаж Лочеи од Унгарија, заедно со првенците, истакнатите солисти, солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

„Шехерезада“ ја обединува магијата на ориенталните приказни со драматичната музика и раскошниот сценски израз. Преку богата кореографија и експресивни движења, балетот ги истражува страста, љубомората и интригата, додека ликот на Шехерезада ја носи мистеријата и моќта на раскажувањето.