Редовната исплата на боледувањата да стане правило, ФЗО подготвува промени
Фондот за здравствено осигурување во август исплатил над 623 милиони денари за боледувања, од кои повеќе од 414 милиони денари за породилни надоместоци. Од Фондот најавуваат промени за поедноставување на постапките, поголема дигитализација и посилна контрола на боледувањата.

Редовната и предвидлива исплата на надоместоците за боледување и породилно отсуство треба да стане правило, а не исклучок, порача генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински, на денешниот медиумски брифинг.
Во август Фондот исплатил вкупно 623 милиони и 150 илјади денари за боледувања, од кои 414 милиони и 50 илјади денари за породилни надоместоци. Според Перински, целта е за уредно комплетираните предмети, за кои се исполнети условите, надоместоците за претходниот месец да се исплаќаат во текот на наредниот месец.
Најавени се и промени во правилата за утврдување и контрола на привремената спреченост за работа. Предлогот предвидува избраниот лекар, врз основа на медицинска проценка, да може да отвори боледување до пет дена без примена на утврдените критериуми, наместо досегашните седум.
Се предвидува и појаснување на случаите во кои боледувањето може да се утврди без физичко присуство на осигуреникот, доуредување на надлежностите на лекарските комисии и поголема дигитализација на евиденцијата и документацијата. Паралелно, ќе се засилуваат и механизмите за контрола на боледувањата.
Од Фондот информираат и дека од 1.883 поднесени и разгледани барања за биомедицински потпомогнато оплодување, 237 се однесуваат на четврти, петти или шести обид. Се анализира и можноста за поинакво структурирање на пакетите, но без намалување на правото на шест обиди.
Меѓу планираните промени е и продолжување на рокот на важност на рецептите издадени од дежурните служби при итен преглед. Наместо до полноќ на денот на издавањето, предлогот е рецептите да важат 24 часа.
Перински најави дека Фондот во наредниот период ќе се фокусира на навремено остварување на правата на осигурениците, финансиската стабилност, поедноставување и дигитализација на постапките, како и иницирање законски измени таму каде што постојните правила создаваат административни пречки.
