Единствен и усогласен систем на плати во јавниот сектор
Министерството за јавна администрација работи на воспоставување поусогласен, транспарентен и праведен систем на плати во јавниот сектор. Петдневната TAIEX експертска мисија ќе овозможи пренесување на грчкото искуство со Единствениот систем на исплата, а новата законска рамка се очекува да биде заокружена до крајот на 2026 година.
Петдневна TAIEX експертска мисија за воспоставување единствен и усогласен систем на плати во јавниот сектор започна денеска во земјава. Мисијата ја отворија министерот за јавна администрација Горан Минчев и вршителката на должноста амбасадор на Грција, Христина Василату.
Во рамки на мисијата, експерти од грчкото Министерство за национална економија и финансии ќе го презентираат искуството од грчкиот Единствен систем на исплата, кој овозможува централизирано и усогласено управување со исплатите во јавниот сектор.
Од Министерството за јавна администрација посочуваат дека различните правила, процедури и практики меѓу институциите создаваат нееднаквости и го отежнуваат воспоставувањето единствени стандарди за вреднување на работата.
Министерот Минчев порача дека целта е да се воспостави систем во кој правилата ќе бидат јасни и еднакви за сите, а принципот „еднаква плата за еднаква работа“ да биде применлив во целиот јавен сектор.
Министерството работи на нова законска рамка за системот на плати, која, според најавите, треба да биде заокружена до крајот на 2026 година, а нејзиното постепено и систематско спроведување да започне во 2027 година.
Минчев нагласи дека грчкиот модел нема да биде директно копиран, туку ќе се анализира и ќе се приспособи на институционалните, законските и финансиските услови во Северна Македонија.
Очекувањата се новиот систем да придонесе за поголема транспарентност, подобра контрола на јавните средства и поквалитетни податоци за креирање и спроведување на јавните политики.
