18 возачи лишени од слобода за „безобѕирно управување возило“
Во текот на изминатото деноноќие полицијата лишила од слобода 18 возачи на различни локации во државата поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување возило“. Седумнаесетмина возеле без положен возачки испит, а еден бил под дејство на алкохол.

Полицијата во текот на изминатото деноноќие лишила од слобода 18 возачи поради сторено кривично дело „безобѕирно управување возило“ по член 297-а од Кривичниот законик.
Од нив, 17 возачи управувале возила без положен возачки испит. Меѓу нив има и двајца малолетници – 17-годишник од Стајковци и 15-годишник од Пробиштип.
Во еден од случаите, 19-годишен жител на Велес, кој возел без положен возачки испит, предизвикал и сообраќајна незгода.
Од слобода е лишен и 27-годишен жител на Македонска Каменица, кој управувал возило под дејство на алкохол.
По целосното документирање на случаите, против лицата ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да не управуваат возило без положен возачки испит, под дејство на алкохол или доколку имаат изречена забрана за управување.
