Поевтинува дизелот, поскапува бензинот
Од полноќ бензините поскапуваат, а дизелот поевтинува. Во меѓувреме, цената на „Брент“ надмина 108 долари за барел поради новите нарушувања во снабдувањето со нафта.

За два денари пониска цена на дизелот, но бензините поскапуваат за 3,5 денари, одлучи Регулаторната комисија за енергетика.
Новата цена на еуросупер БС-95 ќе изнесува 100,50 денари за литар, додека еуросупер БС-98 ќе се продава за 102,50 денари за литар. Цената на дизелот, пак, ќе изнесува 99 денари. Екстралесното масло за домаќинство поскапува за четири и пол денари за литар и ќе се продава по 109,50 денари.
Со новата одлуката на Регулаторна, нафтените деривати одат нагоре во просек за 2,86%, во однос на утврдените цени од 7 септември.
Истовремено, продолжува примената на намалената акциза кај бензините и дизелот, откако Владата на седница донесе одлука за намалување на данокот на додадена вредност за дизел-горивото од 18% на 10%. Оваа интервенција се презема за да се амортизира ценовниот удар во период на кризна состојба, која произлегува од можноста за нарушувања во снабдувањето со нафта.
И покрај високите цени, горивата во Македонија ќе останат поевтини во споредба со земјите од соседството, со цел да им се помогне на граѓаните и бизнис-секторот.
Во меѓувреме, цената на нафтата „Брент“ се искачи над 108 долари за барел, откако брод беше погоден во Ормускиот Теснец, при што загина член на екипажот. Во исто време, Саудиска Арабија привремено го затвори главниот нафтовод, кој овозможува транспорт на нафта без минување низ овој важен воден пат.
Борис Грујоски
