Ревизија

ДЗР утврди слабости во јавните набавки во АД ЕСМ

15.09.2026 10:57

Ревизорите утврдиле слабости во планирањето, меѓу кои недоволно истражување на пазарот, неосновано определување на проценетата вредност и недоволен аналитички пристап при утврдувањето на потребите.

Државниот завод за ревизија утврди слабости во планирањето, спроведувањето и реализацијата на јавните набавки во АД ЕСМ – Скопје. Со ревизијата биле опфатени 27 постапки, по кои во 2024 година биле преземени обврски во вкупен износ од 8,858 милијарди денари, односно околу 143,6 милиони евра.

Според ДЗР, постапките и реализацијата на договорите не биле во согласност во сите материјални аспекти со релевантната законска и подзаконска регулатива, плановите и договорите. Ревизорите утврдиле слабости во планирањето, меѓу кои недоволно истражување на пазарот, неосновано определување на проценетата вредност и недоволен аналитички пристап при утврдувањето на потребите.

Во текот на 2024 година биле донесени 19 одлуки за измени на Годишниот план за јавни набавки, што, според ревизорите, негативно влијаело врз ефикасноста на постапките, планирањето на средствата, роковите, транспарентноста и предвидливоста.

Ревизијата потврдила и дел од состојбите наведени во Извештајот за „црвени знаменца“ за 2024 година на Бирото за јавни набавки, вклучително и постапки со измени и дополнувања на огласите и тендерската документација, како и поништени и обжалени постапки. Дел од договорите биле склучени со шест економски оператори кои претставуваат над 70 проценти од вкупната вредност на договорите во 2024 година, а имало и постапки со само една понуда.

Како конкретни примери, ДЗР посочува набавка на гасен мотор вредна 153,3 милиони денари, односно околу 2,48 милиони евра. Иако бил исплатен значителен дел од договорната вредност, моторот не бил ставен во функција и подолго време бил складиран без обезбедени предуслови за користење.

Утврдени се и набавки на стоки и услуги кои не биле искористени или целосно реализирани. За адитив биле платени 141,6 милиони денари, од кои најголемиот дел останал неискористен и му истекол рокот на употреба. Дополнително, биле платени 106,2 милиони денари за активности за дислокација на опрема која не била ставена во употреба.

Ревизорите утврдиле и слабости во техничките спецификации, проверката на документацијата и реализацијата на договорите. Во одредени случаи спецификациите можеле да упатуваат на конкретен дизајн, бренд или овластен производител, додека дел од условите за способност не биле сразмерни со предметот на набавката.

Во извештајот се дадени препораки за надминување на утврдените слабости, со цел поголема транспарентност и конкуренција, подобар квалитет на набавките и поекономично, поефикасно и поефективно користење на јавните средства во АД ЕСМ.