Култура

Продолжен рокот за пријавување на независни експерти за „Скопје 2028“

15.09.2026 14:34

Целта на повикот е избор на експерти кои ќе бидат дел од Регистарот на независни експерти-евалуатори на „Скопје 2028“.

Фондацијата „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ го продолжи за 15 дена рокот за доставување апликации на Јавниот повик за независни национални и меѓународни експерти за евалуација на проектни предлози. Крајниот рок за пријавување е 2 октомври 2026 година.

Целта на повикот е избор на експерти кои ќе бидат дел од Регистарот на независни експерти-евалуатори на „Скопје 2028“. Тие, согласно потребите на одделните јавни повици, ќе вршат независна, објективна, стручна и непристрасна евалуација на проектните предлози за уметничката и културната програма.

Повикот е отворен за независни професионалци и експерти од земјата и странство. Предност ќе имаат оние со искуство во програмите на Европската Унија, „Креативна Европа“, Европската престолнина на културата, меѓународната културна соработка, грантови и шеми за финансиска поддршка, како и независна евалуација на проекти.

Од Фондацијата појаснуваат дека членувањето во регистарот не значи засновање работен однос и не гарантира конкретен ангажман. Експертите ќе се ангажираат согласно потребите на програмата, нивната стручност и расположливост, како и во зависност од непостоењето судир на интереси.

Секој конкретен ангажман ќе биде регулиран со посебен договор.