Финансии

Народната банка ја задржа основната каматна стапка на 4,25 отсто

15.09.2026 15:08

Извршниот одбор на Народната банка одлучи основната каматна стапка да остане на нивото од 4,25 отсто. Одлуката е донесена во услови на стабилен девизен пазар, умерена инфлација и зголемена неизвесност на меѓународните пазари поради растот на цените на енергентите и геополитичките ризици.

Основната каматна стапка останува на 4,25 отсто, одлучи Извршниот одбор на Народната банка на редовната седница за поставеноста на монетарната политика.

Од Народната банка оценуваат дека тековната поставеност на монетарната политика е соодветна, но поради високата неизвесност е потребен претпазлив пристап. Во август годишната инфлација достигна 2,6 отсто, наспроти 2,3 отсто во јули, при што растот на светските цени на енергентите се одразил и врз домашните цени.

Девизниот пазар останува стабилен, а во периодот јули-август Народната банка интервенирала со откуп на девизи. Девизните резерви на крајот на август изнесуваат 5,101 милијарда евра и се во сигурната зона, обезбедувајќи покриеност од 4,5 месеци на увозот на стоки и услуги.

Сепак, од Народната банка посочуваат дека и натаму има повисока побарувачка на девизи од корпоративниот сектор, делумно како последица на повисоките цени на енергентите. Во услови на зголемени геополитички ризици и нестабилност на светските цени на примарните производи, постојат ризици за идната динамика на инфлацијата.

Домашната економија, според оценката на Народната банка, останува отпорна. Реалниот годишен раст на БДП во вториот квартал од 2026 година изнесува 4,3 отсто, што е над априлските проекции. Растот во значаен дел се должи на бруто-инвестициите и градежните активности поврзани со големите инфраструктурни проекти.

Од Народната банка наведуваат дека ќе продолжат внимателно да ги следат домашните и меѓународните економски и финансиски движења и се подготвени да ги искористат сите расположливи инструменти за зачувување на макроекономската и финансиската стабилност.