Животна средина

Хоџа – Јаупај: Продолжува соработката за заштита на природата и одржлив развој

15.09.2026 19:41

Северна Македонија и Албанија ќе ја продлабочуваат соработката во областа на заштитата на животната средина, со фокус на зачувување на природното и културното богатство и одржливиот развој на регионот. Ова го потврдија министрите за животна средина Муамет Хоџа и Софјан Јаупај на средбата во Скопје.

Министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа се сретна со албанскиот министер за животна средина Софјан Јаупај, кој престојува во Скопје по повод Меѓурегионалната средба на главните преговарачи и високи претставници задолжени за европската интеграција.

На средбата биле разгледани можностите за натамошно унапредување на соработката меѓу двете земји во заштитата на животната средина, со посебен акцент на заедничката одговорност за зачувување на природното и културното богатство на регионот.

Хоџа и Јаупај разговарале и за конкретни чекори и иницијативи за продлабочување на билатералната и регионалната соработка во насока на одржлив развој и подобрување на квалитетот на животната средина.

Во пресрет на министерскиот состанок за Зелената агенда за Западен Балкан, кој ќе се одржи неделава во Црна Гора, двајцата министри ја потврдиле определбата за реализација на заеднички активности, во согласност со заедничката визија за одржлив регион и интеграција во Европската Унија.