Фудбал, Лига на шампионите, 2.коло

Тоти и Чави рекордно, ПСЖ без Ибра ја урна Барса

01.10.2014 12:27

И додека Рома му го отежна патот на Сити кон второто место во групата „Е“, Баерн со уште еден триумф од 1-0, овој пат над ЦСКА во Москва со голот на Милер од пенал, покажа кој во моментов е најквалитетен тим во силната конкуренција...

Легендите на италијанскиот и на шпанскиот фудбал, Франческо Тоти и Чави Ернандез, со лични историски дострели ставија печат на првата вечер од второто коло во Лигата на шампионите. Рома првпат не загуби во Англија, а против Манчестер Сити иконата на Рома му донесе бод на својот тим, погодувајќи за 1-1. Со полни 38 години и 3 дена, Тоти стана највозрасен стрелец воопшто во елитното натпреварување, надминувајќи го Рајан Гигс.

И додека Рома му го отежна патот на Сити кон второто место во групата „Е“, Баерн со уште еден триумф од 1-0, овој пат над ЦСКА во Москва со голот на Милер од пенал, покажа кој во моментов е најквалитетен тим во силната конкуренција.

Чави не успеа да ја спаси Барселона од пораз против Пари Сен Жермен, но го запиша рекордниот 143.настап во шампионската лига. Го надмина Раул, којшто остана на 142, но е во опасност и самиот наскоро да биде симнат од врвот, со оглед дека Касиљас веќе има 141 меч. Достигнувањето на Чави сепак не го стави во сенка триумфот на „светците“ од 3-2. И без повредените Ибрахимовиќ и Лавеци, имаше кој да го пробие досега сезонава непробојниот бедем на Барса. Давид Луиз, Верати и Матуиди беа стрелци, додека Меси со јубилејниот 500.европски гол на клубот и Нејмар само го ублажија поразот.

Во вториот меч од групата „Ф“, Ајакс во Никозија поведе против Апоел со голот на Андерсен, по што кипарскиот тим преку Мандука од пенал изедначи на конечни 1-1..

По стартното реми со Спортинг, Марибор на Агим Ибраими извлече бод и против Шалке во Гелзенкирхен. Македонскиот репрезентативец беше еден од најдобрите во словенечкиот тим, којшто пред одморот поведе преку Бохар. Силниот притисок на бундеслигашот во продолжението донесе само израмнување, преку Хунтелар..

Лидер на групата “Г“ сега е Челзи, по триумфот од 1-0 над Спортинг во Лисабон со голот на Матиќ.

Во групата „Х“, Порто се спаси од пораз од Шахтјор. Украинците во Лвов долго водеа со 2-0 со головите на Тешеира и на Адријано, но Мартинез со два гола пред самиот крај се погрижи за 2-2.

Бате Борисов го шокираше Атлетик Билбао со 2-1. Полјаков и Карницки ги дадоа головите, а Адуриц само намали.