Во август 606 прекршоци со електрични тротинети, одземени 18 тротинети
Засилени сообраќајни контроли за возачите на електрични тротинети спровело Министерството за внатрешни работи во текот на август. Констатирани се 606 прекршоци, а привремено се одземени 18 електрични тротинети.

Секторот за сообраќајни работи при МВР во август спровел засилени акциски контроли на целата територија на државата за санкционирање на прекршоците што ги прават возачите на лесни електрични возила.
Од вкупно 606 констатирани прекршоци, 162 санкции се изречени за неносење рефлектирачки елек при управување со електричен тротинет во ноќни услови, 134 за некористење велосипедска или пешачка патека, а 59 за неносење заштитен шлем. Уште 45 санкции се изречени за превезување две лица, а 20 за малолетници кои управувале електричен тротинет.
Во текот на контролите биле одземени 18 електрични тротинети во времетраење од 30 дена.
Најголем број прекршоци се констатирани на подрачјето на СВР Битола – 236, потоа СВР Скопје со 97, СВР Струмица со 82 и СВР Охрид со 57. На подрачјето на СВР Тетово се регистрирани 27 прекршоци, СВР Велес 18, СВР Штип 13 и СВР Куманово седум, додека 69 прекршоци се констатирани од Мобилната единица за безбедност во сообраќајот.
Во рамки на контролите биле констатирани и 3.665 прекршоци од друг вид. За сите прекршоци преземени се соодветни мерки и изречени се санкции согласно законските прописи.
Од МВР најавуваат дека продолжуваат со засилени сообраќајни контроли со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот и доследно почитување на сообраќајните правила и прописи.
