Енергетика

Европски експерти со позитивна оценка за новите закони за рударство и геологија

15.09.2026 20:12

Предлог-законите за геологија и рударство се современи и во значителна мера усогласени со европските стандарди и меѓународните практики, оценија независни експерти по извршената ревизија. Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини велат дека целта е создавање јасни правила за инвестиции и развој, но и силна заштита на животната средина и интересите на локалните заедници.

Независната експертска ревизија на Предлог-законот за геологија и Предлог-законот за рударство покажала дека предложените решенија воспоставуваат современа и јасна рамка за геолошките истражувања и рударските активности, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Експертизата ја изработиле проф. д-р Вјечеслав Боханек и Кристи Дизни Брукнер, во соработка со граѓанската организација „Нов Трет Пат“. Во процесот биле вклучени и претставници на Министерството, Геолошкиот завод и Државниот инспекторат за енергетика и минерални суровини.

Предложените законски решенија биле споредени и со законодавствата на шест земји членки на Европската Унија – Австрија, Германија, Полска, Чешка, Финска и Хрватска. Според експертите, македонскиот модел е во согласност со релевантните европски практики.

Посебно внимание во анализата е посветено на критичните и стратешките минерални суровини, управувањето со геолошките податоци, заштитата на животната средина, одржливото користење на природните ресурси, како и управувањето со рударскиот отпад и затворањето на рудниците.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска вели дека целта не е само формално усогласување со европското законодавство, туку создавање функционална и применлива рамка што ќе овозможи развој и одговорни инвестиции, без да бидат занемарени јавниот интерес, граѓаните и животната средина.

Од Министерството посочуваат дека новата законска рамка треба да обезбеди поголема предвидливост за инвеститорите, транспарентни постапки, јасно дефинирани институционални надлежности и поголема вклученост на локалните заедници.

Експертската ревизија е дел од процесот на финализирање на двата законски предлога. Министерството најавува продолжување на стручниот и институционалниот процес, со цел конечните решенија да бидат усогласени со европските стандарди и насочени кон одржлив развој на рударскиот сектор и заштита на природните ресурси.