Нова шанса за Изборниот законик
Откако Шасивари го замени Филков во ресорот правда – нова шанса за Изборниот законик. Вицепремиерот Сали тврди – партиите преговараат. Прашањето веќе било отворено на координативна средба во Собранието. За СДСМ, новиот начин на гласање на дијаспората и натаму неприфатлив. ЛДП бара промена на целиот изборен модел.

Од една изборна единица до гласање на дијаспората, преку начин на заокружување на гласачкото ливче. Политичките партии сè уште со спротивставени ставови за исклучително важниот Изборен законик.
Од власта чекаат договор меѓу опозицијата. Првиот вицепремиер Беким Сали тврди дека политичките партии сè уште работат на Изборниот законик, без при тоа да појасни дали прекинатите разговори меѓу политичките партии од власта и од опозицијата се обновени, со одржување на нови средби.
Од друга страна, опозицијата вели-дијалог мора да има за клучните законски решенија и покрај тоа што СДСМ претходно ја напушти работата во работната група која го подготвуваше Изборниот законик. Од „Бихаќка“ велат-пред да се донесе конечната одлука, чекаат конкретни чекори.
Засега партиите меѓусебно само си испраќаат пораки кој и што треба да направи за Изборниот законик, но никако да седнат и да се договорат. Изборниот законик е дел од реформската агенда на земјава.
Миле А. Ристески
