Вториот пензиски столб пред реформа
Пензискиот фонд покус за милијарда евра на годишно ниво. Власта размислува за реформа на вториот столб, друштвата бараат проширување на инвестициската рамка за да можат портфолијата да ги прилагодот на возраста на осигурениците.

Вториот пензиски столб нема да се укине, но потребно е да се реформира – ова го најави министерот за социјална политика во интервју за „360 Степени“ на МТВ. Велковски истакна дека се разгледува можноста, граѓаните сами да изберат дали ќе останат само во државниот или ќе уплаќаат и во приватните фондови. Сепак, конечна одлука сè уште нема. Формирани се работни групи кои треба да направат анализи и да ги утврдат кои се решенијата за граѓаните да имаат поголеми пензии.
„Потребно да се провери овој систем. Да се направи проверка, за тоа и за таа цел, формирани беа одредени работни групи, одредени тела коишто треба да направат анализа да видиме со денешните параметри што значи штедењето во вториот столб, односно какви би биле приносите на идните пензионери коишто треба да излезат во пензија во годините коишто следат“, изјави министерот Велковски.
Приватните пензиски друштва оценуваат дека досегашните резултати се солидни. Приносот е околу 5,5 проценти, но може да биде и повеќе ако се направат законски измени, односно да се воведат мултифондови, за портфолијата на осигурениците да се приспособуваат на нивната возраст.
„Очекуваме еден ипол, два до три проценти поени да е повисок просечниот принос во зависност од кој тип портфолио се работи. Тоа ќе биде поделено на начин што за младите ќе може да се вложува поагресивно, пред сè заради нивниот долг инвестициски хоризонт кој го имаат пред себе. За луѓето на средна возраст ќе биде балансираното портфолио кое соодветствува на денешниот систем“, изјави Маријан Николовски – Асоцијација на пензиски друштва.
Според податоците на МАПАС околу 150 пензионери земаат пензија од вториот столб. Но, и оттаму ги чекаат законските измени.
„Се прават законски измени за исплата на пензии. Сѐ уште не е точно регулирано како ќе биде, но во моментов се земаат како програмирани повлекувања на пензијата. Прво ќе се соберат парите во едно, па ќе се исплати пензија, прво од вториот столб, сѐ додека не се исцрпат средствата. Откако ќе се исцрпат средствата ПИОМ ќе продолжи да ја плаќа пензијата на членот“, вели Пранвера Сума – МАПАС.
Годишниот трошок за пензии достигнува околу 2,4 милијарди евра. Од придонеси на вработените се собираат приближно 1,4 милијарди евра, разликата од околу една милијарда евра се покрива директно од државниот буџет.
И покрај уверувањата на надлежните дека пензискиот фонд е стабилен, неговата долгорочна одржливост останува неизвесна. Со буџетска дупка која достигна речиси една милијарда евра, јасно е дека системот се соочува со сериозни финансиски предизвици.
Андријана Ѓурческа
