Блиски Исток

Новите тензии ја вивнаа цената на нафтата

15.09.2026 20:45

Светска криза на повидок, откако Саудиска Арабија го затвори клучниот нафтовод поради нападите од Хутите. САД и Иран сигнализираат отвореност за обнова на преговорите. Цените на нафтата на светските берзи уриваат рекорди.

Повторниот раст на тензиите на Блискиот Исток ги вивна светските берзи. Цената на нафтата руши рекорди, откако Иран постави ултиматум - нема преговори сè до целосното исполнување на нивните барања. Одложен е и состанокот за Ормускиот Теснец, што требаше да се одржи во Оман.

„Обвинуваат некоја земја, носат резолуции против неа, подготвуваат неточни извештаи, а потоа дури и им ја ускратуваат можноста на претставниците на таа земја да се бранат. Со други зборови, војната што ја почнаа не е ограничена само на воената сфера. Таа се води и на дипломатски и на правен план, во обид да се спречи гласот на Иран да допре до другите земји“, изјави Есмаил Багаеи, портпарол на иранското МНР.

На цените на нафтата притиска и затворањето на саудискиот нафтовод Исток – Запад по минатонеделните напади со беспилотни летала, преку кој се пренасочуваа милиони барели саудиска сурова нафта од Персискиот Залив во време на војна. Се стравува дека речиси 4 насто од светските резерви би можеле да бидат прекинати поради затворањето на нафтоводот. Растот на цените на нафтата веќе се рефлектира и врз семејниот буџет на граѓаните, а на бензинските пумпи во Европа е забележан и недостиг на гориво.

„Навистина е лудо. Цените дефинитивно ќе продолжат да растат, а не да паѓаат“, вели жител на Германија.

„Дознав и речиси пред истекот на времето успеав да ја добијам вчерашната цена. Имав среќа“, рече жителка на Германија.

„Нема, сè е празно. Веќе бев на три места“, вели жител на Франција.

„Ќе продолжам да барам. Не можам да работам, ќе вртам кругови за да најдам бензин“, рече друг жител на Франција.

Дополнителна неизвесност за светската економија предизвика и преземањето од страна на Хутите на уште еден критичен поморски пат - теснецот Баб ел-Мандеб. Катар предупредува дека затворањето на главната порта на светската трговија ќе предизвика сериозни штети врз глобалната економија.

Маја Стојанова