БРТ-проектот пред одобрување од ЕБОР, тендерот се очекува во наредните денови
Од Град Скопје посочуваат дека до ЕБОР е доставена потребната документација и се очекува официјален одговор до крајот на неделава, по што би следувало објавување на јавниот повик. Тендерската постапка ќе се спроведува согласно европските регулативи.

Проектот за брз автобуски превоз (БРТ) во Скопје е во последната фаза на одобрување од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а тендерот за проектирање и изведба се очекува да биде распишан во наредните неколку дена, информира градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Од Град Скопје посочуваат дека до ЕБОР е доставена потребната документација и се очекува официјален одговор до крајот на неделава, по што би следувало објавување на јавниот повик. Тендерската постапка ќе се спроведува согласно европските регулативи.
Според најавите, по завршувањето на тендерската постапка и изборот на изведувач, градежните работи би можеле да започнат доцна напролет следната година. Од Градот велат дека при реализацијата на БРТ-системот ќе биде зачувано постојното средишно зеленило на булеварите.
Ѓорѓиевски информираше и за проектот за ставање во функција на мостот на улицата „Љубљанска“. Со него треба да се воспостави нова сообраќајна врска меѓу улиците „Љубљанска“ и „Скупи“, со што, според најавите, ќе се подобри поврзаноста на Карпош со северниот и западниот дел од Скопје, како и пристапот кон Бардовци и Злокуќани.
Проектот, како што посочи градоначалникот, треба да придонесе и за растоварување на постојните сообраќајни правци.
