Медитеранската исхрана може да го „подмлади“ мозокот
Свеж зеленчук, овошје, риба, цели зрна и маслиново масло не се само рецепт за здрава исхрана – според ново истражување, тие можат да имаат позитивно влијание и врз биолошкото стареење на мозокот.

Меѓународен тим истражувачи од Израел, Германија и САД открил дека медитеранската исхрана може да го забави стареењето на мозокот. По 18 месеци следење на ваков начин на исхрана, скенирањата покажале дека мозочната возраст на учесниците била во просек девет месеци помлада од очекуваното во однос на нивната хронолошка возраст.
Во истражувањето учествувале 102 лица, кои во просек изгубиле 2,3 килограми. Истражувачите утврдиле дека секој процент намалена телесна тежина бил поврзан со мозок кој изгледал околу девет месеци помлад од хронолошката возраст.
Позитивните промени биле поврзани и со пониски нивоа на маснотии во црниот дроб, како и со подобар липиден профил.
Резултатите се надоврзуваат на сè поголемиот број истражувања за биолошкото стареење и можноста дел од промените поврзани со него да бидат реверзибилни. Според наодите на истражувачите, поздравиот избор на храна може да биде еден од едноставните начини за поддршка на здравјето на мозокот, без оглед на возраста.
