Статистика

Прометот во индустријата зголемен за 2,7 отсто во јули

16.09.2026 14:05

Според главните индустриски групи, најголем пораст на прометот во јули е забележан кај нетрајните производи за широка потрошувачка, од 11,7 отсто, и кај интермедијарните производи, освен енергија, од 6,2 отсто.

Прометот во индустријата во јули годинава е зголемен за 2,7 отсто во однос на истиот месец лани, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Раст е регистриран и на домашниот и на странските пазари.

Според главните индустриски групи, најголем пораст на прометот во јули е забележан кај нетрајните производи за широка потрошувачка, од 11,7 отсто, и кај интермедијарните производи, освен енергија, од 6,2 отсто.

Од друга страна, кај капиталните производи прометот е намален за 6,3 отсто, а кај трајните производи за широка потрошувачка за 2,9 отсто.

Во споредба со јуни 2026 година, вкупниот промет во индустријата во јули бележи пад од 8,5 отсто. Кумулативно, во периодот јануари-јули годинава, прометот е зголемен за 2,3 отсто во однос на истиот период лани.

На домашниот пазар во јули е регистриран раст од 8,5 отсто, додека прометот на странските пазари е зголемен за 1,9 отсто. Во првите седум месеци од годинава, домашниот пазар бележи раст од 3,8 отсто, а странските пазари од 2,2 отсто.

Најголемо влијание врз растот на вкупниот индустриски промет во јули имаат производството на прехранбени производи со 2,3 отсто, производството на метали со 7,3 отсто и производството на машини и уреди со 1,9 отсто.