Свет

Хашим Тачи осуден на 25 години затвор за воени злосторства во Косово

16.09.2026 13:07

Тачи е прогласен за виновен за незаконско и произволно апсење и лишување од слобода, суров третман, тортура и убиство, како воени злосторства.

Поранешниот лидер на ОВК и претседател на Косово, Хашим Тачи, е прогласен за виновен за воени злосторства и во Хаг е осуден на единствена казна од 25 години затвор. Иста казна доби и Јакуп Красниќи, додека Кадри Весели е осуден на 18, а Реџеп Селими на 13 години затвор. На сите обвинети во изречените казни ќе им биде пресметано и времето поминато во притвор, каде што се наоѓаат од 2020 година.

Тачи е прогласен за виновен за незаконско и произволно апсење и лишување од слобода, суров третман, тортура и убиство, како воени злосторства. Судскиот совет оцени дека тој имал клучна улога во формулирањето и спроведувањето на заедничката казнива цел, како член на Генералштабот и началник на Дирекцијата за политички прашања на ОВК.

Според образложението на судот, Тачи, заедно со другите обвинети, поставувал лојални лица на клучни командни позиции и имал контрола врз ОВК и спроведувањето на нејзините политики. Судот наведе и дека тој лично учествувал во апсење, затворање и испрашување на лица кои биле сметани за противници.

Судскиот совет утврдил дека меѓу април 1998 година и 20 јуни 1999 година припадници на ОВК намерно извршиле дејствија и пропусти што довеле до смрт на најмалку 96 лица кои не учествувале активно во непријателствата. Злосторствата, според пресудата, биле извршени во 12 општини во Косово и на локација во северна Албанија.

За Јакуп Красниќи судот оцени дека охрабрувал извршување кривични дела против лица кои биле сметани за „противници“, како и дека бил запознаен со незаконски апсења, лишувања од слобода, злоупотреби и убиства, но не презел ефикасни мерки за нивно спречување или истрага.

При одмерувањето на казните, судот ја зел предвид тежината на злосторствата и нивните последици, степенот на учество на обвинетите, нивните лични околности и другите отежнувачки и олеснителни околности.