Поднесено обвинение за опожарувањето на возила пред Бугарската амбасада
На обвинетиот му се става на товар кривично дело „Загрозување лица под меѓународна заштита“. Според Обвинителството, тој околу 12:05 часот наполнил пластично шише со бензин на бензинска пумпа во близина на Амбасадата, по што ги полеал и ги запалил паркираните возила.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт против едно лице за опожарувањето на возила пред Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, на 15 јуни годинава.
На обвинетиот му се става на товар кривично дело „Загрозување лица под меѓународна заштита“. Според Обвинителството, тој околу 12:05 часот наполнил пластично шише со бензин на бензинска пумпа во близина на Амбасадата, по што ги полеал и ги запалил паркираните возила што ги користеле военото аташе на Бугарија и други вработени во Амбасадата.
Со предизвикувањето на пожарот, како што се наведува во обвинението, била создадена значителна опасност за животот и телото на лица под меѓународноправна заштита. По дејствието, обвинетиот го напуштил местото.
Обвинителот до Основниот кривичен суд Скопје доставил и предлог за продолжување на мерката притвор, со образложение дека и натаму постојат причините за нејзино определување. За делото е предвидена казна затвор од најмалку една година.
