Македонија

Европска недела на мобилност: Колку е Битола пристапна за сите?

16.09.2026 18:02

Почнува Европската недела на мобилност, период посветен на промоција на одржливиот транспорт и намалување на зависноста од автомобили. Пешачењето, велосипедот и јавниот превоз треба да бидат сè почест избор. Но, колку е градот пристапен за лицата со попреченост, ќе покаже апликацијата „Smart City Zen“, која ќе ги мапира пречките во инфраструктурата за велосипедисти, мајки со колички и лица со инвалидски колички. Бета-верзијата на оваа апликација ќе биде промовирана на денешниот настан во Битола, во рамките на Европската недела на мобилност.

Европската недела на мобилност има за цел промовирање поздрави, почисти и поодржливи начини на движење во градовите. Користењето на алтернативен превоз е сè поактуелно. Велосипедот е првиот избор на младите.

Првиот ден од Европската недела на мобилност во Битола се одбележа со поинаква практична активност. Околу 80 студенти и средношколци ја тестираа бета-верзијата на апликацијата „Смарт Сити Зен“ – дигитална мапа каде директно од терен ги лоцираа, фотографираа и опишуваа проблемите за пешаците на тркала. Бројот на бариери не е мал.

Иницијативата е од 2024 година, а до крајот на годинава апликацијата ќе биде достапна за сите. Со тоа, самите граѓани при движење ќе имаат можност да мапираат што е проодно и каде постојат пречки, за да можат институциите да интервенираат.

Мобилноста не е иста за сите. Она што за еден граѓанин е лесен и прооден пат, за друг може да биде сериозна пречка и крај на движењето.

Од идеја до дигитална мапа, целта е едноставна – поголема пристапност, полесно движење и поквалитетен живот. Но, вистинскиот ефект од ваквото решение ќе се види кога мапираните проблеми ќе станат основа за нивно решавање.

Александра Максимовска