Затвор за воени злосторства
Поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи, е осуден на 25 години затвор за воени злосторства, додека Кадри Весели доби 18, Реџеп Селими 13, а Јакуп Красниќи 25 години...

Четворицата водачи на ОВК добија вкупно 81 година затвор. Хашкиот трибунал го осуди поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи на 25 години затвор. Тој е прогласен за виновен по четири точки од обвинението за воени злосторства извршени за време на војната од 1998-1999. Кадри Весели е осуден на 18 години, Реџеп Селими на 13 години и Јакуп Красниќи на 25 години затвор. Сите четворица ги негираа обвиненијата. Тачи се соочува и со посебно судење по обвиненија за заплашување сведоци, кое ќе почне подоцна овој месец.
„Г-дин Тачи, со оглед на тоа што сте прогласени за виновни за повеќе од едно кривично дело, судскиот совет определи поединечна казна за секое дело за кое е изречена осудителна пресуда. Судскиот совет ви изрекува единствена казна затвор во траење од 25 години, при што се засметува времето веќе поминато во притвор“, изјави Чарлс Смит – претседавачки судија во Хаг.
Демонстрантите пред судот во Хаг, носејќи албански и знамиња на ОВК, се судрија со полицијата, а биле употребени и водни топови, објавија локалните медиуми.
„Едноставно, не ми е јасно како можат да го прогласат за виновен кога тој се бори за сопствената слобода. Тоа не може да се оправда“, рече демонстрант пред судот во Хаг.
„Оваа правда е спротивна на целата историја на Албанците. Ние се бориме за нивната слобода. Не сме окупирале ниту една земја. Се бориме за нашиот дом, за нашата земја, и затоа борците се борат за народот, за слободата на Косово“, додаде друг.
„Законот умре. Не, едноставно не е во ред. Не е во ред тоа што се случи. Ги казнуваат затоа што се бореле за слобода, знаете, така што за мене тоа нема никаква смисла“, рече друг.
Голем собир за поддршка на осудените беше организиран во Албанија и на Косово, каде што пресудата ја следеа илјадници собрани граѓани. Пристигнаа и првите реакции од политичарите од регионот.
Маријана Димовска
