Врховен ја укина пресудата за Јакимовски
Кривичниот и Апелацискиот суд јасно не ги утврдиле карактеристиките на општинската барака за да може да се изведе заклучок дека било потребно одобрение за градба. Ова го констатирал Врховниот суд кој ја укина пресудата на поранешниот градоначалник на Карпош – Стевчо Јакимовски, осуден на една година затвор за бесправно градење...

Кривичниот и Апелацискиот суд јасно не ги утврдиле карактеристиките на општинската барака за да може да се изведе заклучок дека било потребно одобрение за градба. Ова го констатирал Врховниот суд кој ја укина пресудата на поранешниот градоначалник на Карпош – Стевчо Јакимовски, осуден на една година затвор за бесправно градење. Во јавно објавената пресуда се наведува дека не е утврдено дали објектот бил цврста градба или монтажен, ниту пак бил познат правниот статус што е од особено значење за постоењето на кривичното дело, стои во пресудата.
„При повторното постапување, првостепениот суд е должен да ги отстрани наведените повреди, да ги има во предвид и да постапи по укажувањата на овој суд, па врз основа на тоа да донесе правилна и законита одлука“, соопштија од Врховниот суд.
Сега на потег е Скопска единица да му суди одново. Оттаму велат – ја добиле пресудата од Врховен и наскоро ќе се закаже рочиште.
„Судот веднаш ќе ја извести затворската установа дека осудениот се ослободува од понатамошно извршување на претходната санкција, односно нема потреба да се врати на издржување на казната затвор, имајќи предвид дека истиот поради здравствени причини од управата на затворот има добиено прекин на издржување на казната“, соопштија од Кривичниот суд.
На Јакимовски му се судеше за незаконска изградба на општински објект, но не за новата административна зграда на општината, туку за две бараки за кои тој тврдеше дека се помошни, монтажни објекти. Обвинетиот во моментот не е во затвор, поради лекување по хируршка интервенција.
Анита Димитријевска Велковска
