Фон дер Лајен: Европа е најсилна, но и најнебезбедна досега
Војната во Украина, растечките безбедносни закани, сајбер-нападите и саботажите во фокусот на годишното обраќање на Урсула фон дер Лајен пред Европскиот парламент. Најави нова европска безбедносна стратегија и формирање Совет за безбедност.

Економската нестабилност, обезбедувањето поголема енергетска независност, безбедносните ризици и заканите од Русија, вештачката интелигенција – доминантни теми во годишното обраќање пред европратениците на шефицата на комисијата Фон дер Лајен, неколкупати проследено со громогласни аплаузи. Европската унија денес е најсилна, но и најнебезбедна – рече Фон дер Лајен најавувајќи го формирањето на Европскиот совет за безбедност – прв во историјата на унијата.
„Мораме да земеме в предвид дека војната на Русија против Украина продолжува, а заканите на нашата територија се зголемуваат. Неделава видовме примери за тоа во Литванија, Данска и Полска, за обидите за напади со дронови во Лајпциг сè уште еден доказ за тоа. Сајбер-напади. Саботажи. Подметнување пожари. Упади со дронови. Тие се интензивираат секојдневно. Но, како што расте нивото на закана, така мора да расте и подготвеноста на Европа. Токму затоа, заедно со високиот претставник, ќе предложам нова европска безбедносна стратегија“, нагласи Фон дер Лајен.
Фон дер Лајен не ја заборави ниту најжешката тема за европските граѓани – неконтролираната миграција, споменувајќи ги болните сцени од шпанска Сеута. Најави нов инструмент за итен одговор на илегалните преминувања на границата на Европа.
„Границата на Сеута е европска граница, бидејќи Сеута е Шпанија, Сеута е Европа, а Европа ќе биде тука за вас. Но, настаните од ова лето покажуваат дека нашите алатки треба да еволуираат, особено за итни ситуации. На Европа ѝ се потребни средства за да ги заштити своите граници во секое време, особено во сценарија кога масовните движења се вештачки предизвикани и се користат како оружје. И токму затоа ќе предложиме нов европски инструмент за итен одговор“, рече претседателката на ЕК.
Претседателката на Еврокомисијата во денешниот, за многумина историски говор, објави дека Канада станува првата асоцијативна членка на Европската унија, нешто што досега не постоеше како статус за државите.
Маја Стојанова
